Соработка со СОС Детско Село
Соработката со СОС Детското село Македонија беше операционализирана во три последователни активности. Имено, за персоналот на СОС Детското село беа ангажирани експерти психолози од МАПП за подготовка и реализација на обука за Психосоцијална поддршка на ранлива категорија на бегалци. Обуката беше реализирана во периодот од 11 до 15 август 2017 година. Членките на МАПП исто така подготвија и Прирачник со методологија за долгорочна интервенција и работа со ризични категории граѓани и маргинализирани лица, изработен пред започнувањето со предвидената обука. Обуката беше наменета за вработени од психосоцијални профили и професии кои беа обучувани да работат со различни типови на маргинализирани групи и социјално загрозени категории на граѓани – деца, мајки, деца без придружба итн, како и луѓе со пост-трауматичен стрес од било каква непогода.
Оваа соработка продолжи со испорачување обука за справување со стресот (стерс менаџмент) во два наврати – во периодот од 24 до 27 август 2017 година за вработените на Проектот за интервентна поддршка, што се реализираше во Охрид и подоцна во периодот од 20 до 21 септември 2017 година за вработените во Националната канцеларија на СОС Детско село Македонија. Обуките опфаќаат лични и организациски фактори на стрес, пронаоѓање начин за афирмација на себеси и другите и оптимално ефектуирање на тимот во организациски услови. Понатаму обуките разработуваа справување со различни емоции поврзани со несигурност и одржливост на невладиниот сектор и тоа обработка преку освестување, препознавање и манифестирање на сите емоции и однесувања, нивно процесирање и пронаоѓање начин за нивна трансформација во позитивни и конструктивни организациски процеси. Еден дел од сесиите беше посветен на техники и начини како да се направи адекватна организација на времето и обврските, како да се постават приоритетите, а сѐ во прилог на превенција од стрес поради недостиг на време или нереализирани активности.